
Македонија со четири скијачи на СП во Аре
Со супервелеслаломот во женска конкуренција што ќе се одржи утре стартува Светското првенство во алпско скијање чиј домаќин е шведскиот зимски центар Аре. Македонија на ова првенство ќе ја претставуваат четири натпреварувачи.
Лука Божиновски, Дардан Дехари, Виктор Петков и Антонио Ристевски се четирите македонски скијачи кои се наоѓаат на листата на пријавени натпреварувачи на шампионатот.
На првенството во Аре ќе настапат околу петстотини скијачи од 74 земји, а нашите репрезентативци ќе бидат дел од трките во слалом и велеслалом кои се во вториот дел од програмата.
Според распоредот на дисциплините квалификациите во велеслалом се на 14, а во слалом ќе се одржат на 16 февруари. Доколку некој од нашите репрезентативци успее да го мине овој круг од натпреварувањето следниот ден ќе бидат дел од главните трки за пласман.