
Данците убедливи до првото злато на Светските првенства
По триумфот со 31:22, ракометната репрезентација на Данска за прв пат во историјата се искачи на највисокото место на подумот на Светските шампионати.
Данците пред своите навивачи беа супериорни во текот на сите шеесет минути и на крајот заслужено го освоија златниот медал.
Отпорот на противникот беше скршен уште во првото полувреме кога благодарение на одличните реакции на голманот Никлас Ландин и високата реализација во нападот обезбедија предност од осум гола.
Во продолжението од мечот Данска имаше и двоцифрена предност кога во еден момент поведе со 30:19, а до крајот на натпреварот Норвешка само успеа да симне разлика на девет погодоци.
Најефикасен во победничкиот тим со седум гола беше Микел Хансен, Мортен Тофт Олсен постигна пет, а по четири пати прецизни беа Расмус Лауге, Ласе Сван и Мадс Менсах додека голманот Ландин имаше 12 одбрани.
Во редовите на Норвешка прв стрелец со девет погодоци беше Магнус Јондал.
Во натпреварот за третото место Франција ја совлада Германија со 26:25, а стрелец на победничкиот гол за Триколорите во последната секунда беше Никола Карабатиќ.