
Ѓоковиќ во финалето на Австралија опен
Светскиот рекет број 1, Новак Ѓоковиќ е вториот финалист на машкиот дел од првиот Гренд слем турнир сезонава и в недела против Рафаел Надал ќе се обиде да стигне до седмиот триумф во Мелбурн.
Ѓоковиќ до седмото финале во кариерата на Австралија опен дојде по убедливата победа над Лукас Пује совладувајќи го со 6:0, 6:2 и 6:2 во меч што траеше само 85 минути. Српскиот тенисер најави дека е подготвен за големото финале во кое в недела ќе се сретне со Надал.
Првиот тенисер на планетава ќе се обиде по седми пат да се искачи на тронот и со седум трофеи ќе биде сам на врвот на вечната листа пред Рој Емерсон и Роџер Федерер. Во финалето во женски двојки, триумф на Саманта Стосур и Шуаи Жанг откако во два два сета со 6:3 и 6:4 славеа над Тимеа Бабош и Кристина Младеновиќ.