
Драмата во Сплит со среќен крај за МЗТ Скопје
МЗТ Скопје дојде до третата победа по ред во АБА2-лигата, откако вечерва во драматичен финиш славеше на гостувањето кај Сплит со 78-76 во рамки на 17.коло. Со овој триумф, „металците“ остануваат на втората позиција на табелата во регионалното натпреварување.
МЗТ Скопје водеше во најголемиот дел од натпреварот, но во финишот Сплит можеше да дојде до победата. Нашиот тим одигра блескава втора четвртина по која на полувремето имаше водство од 49-36. Сплиѓани правеа притисок, а најавија пресврт во последниот период. Со серија од 9-0 кон средината на четвртата четвртина, домаќинот дури и поведе со 72-68. Сепак, МЗТ успеа да ги консолидира редовите и да ја врати предноста. Сплит го имаше и последниот напад со кој можеше да го одведе натпреварот во продолжение, но не реализираше и МЗТ триумфираше со 78-76.
Иве Иванов со дабл-дабл од 17 поени и 10 скока беше најдобар во таборот на скопскиот тим, марко Симоновски постигна 15 поени сите од линијата за тројка, додека Дамјан Стојановски заврши со 14 поени. Во следното, 18. коло од АБА2 лигата МЗТ Скопје на 30 јануари ќе го пречека тимот на Вршац.