
Барселона останува во Купот: Леванте задоцни со жалбата – една недела
Барселона се спаси од исфрлање од шпанскиот фудбалски Куп, откако Шпанската фудбалска федерација ја отфрли жалбата на Леванте.
Барселона синоќа со победа од 3-0 го елиминираше Леванте од осминафиналето во Купот на Шпанија откако го надомести поразот од првиот дуел од 2-1. Тимот од Валенсија денеска се жалеше до Шпанската фудбалска федерација и побара Барселона да биде исфрлена од Купот поради административна грешка, односно настап на суспендиран фудбалер на првиот натпревар одигран минатата недела во Валенсија.
За „каталонците“ настапи Хуан Брандариз, кој веќе бил суспендиран поради жолти картони за вториот тим на Барселона. Ова е причина за исфрлање на Барселона од купот, но грешката е кај Леванте. Според правилата на Федерацијата, тие жалбата морале да ја упатат најдоцна 48 часа по завршувањето на првиот натпревар, а не откако беа елиминирани една недела подоцна.
Барселона во четвртфиналето на Купот ќе игра против Севилја, Реал Мадрид се среќава со Џирона, Валенсија ќе ги одмери силите со Хетафе, додека Еспањол ќе игра против Бетис.