
Денови за одмор пред старт на завршните подготовки
Нашите ракометари го завршија првиот дел од подготовките за настап на Светското првенство. Репрезентативците за празниците имаат три слободни дена, а веќе од среда почнува завршната фаза пред заминувањето за Минхен.
Во пресрет на вториот дел од подготовките селекторот Раул Гонзалез го скрати списокот за двајца ракометари. Томислав Јагуриновски и Ласко Андоновски веќе не се во комбинација за настап на Мундијалот, а пред да се отпатува за Германија ќе следува дополнително кратење бидејќи на конечниот список ќе има 16 играчи.
Од среда ракометарите продолжуваат со тренинзи, а во оваа фаза ќе одиграат и два контролни меча против репрезентацијата на Србија. Првиот в петок е од отворен тип и ќе се игра во арената Борис Трајковски со почеток од 20 часот, а ќе можете да го следите низ директен пренос на Телма.
“Сите тренираат напорно, сакаат да се докажат и да си обезбедат место во составот за СП. Добро е кога се тренира, проблемите обично се јавуваат при натпреварите, тука стануваат очигледни одредени недостатоци на кои после се работи. Со доаѓањето на Талески сме комплетни, имаме доволно време целосно да се воиграме и максимално подготвени да го дочекаме шампионатот во Германија и во Данска. Проблемот е во тоа немаме доволно широк ростер, затоа не можеме да си дозволиме да играме премногу контролни натпревари. Се сеќавате на последното ЕП во Хрватска, првите натпревари ги игравме во високо темпо, но како што се зголемуваше бројот на средби така се поголеми беа и проблемите со замор и ситни повреди на клучните играчи. Затоа не сакам да ги преморувам со многу натпревари уште во подготовките”, изјави селекторот Раул Гонзалез.