
СЕХА: Вардар останува лидер и со комбиниран состав ја преслуша Стеауа
Вардар ќе презими на првата позиција на табелата во СЕХА-лигата, откако денеска славеше со 34-30 на гостувањето кај Стеауа во рамки на последното 13.коло од првата полусезона.
„Црвено-црните“ и со комбиниран состав дојдоа до лесен триумф против романскиот претставник. Вардар го реши победникот уште во првото полувреме, кое го доби со убедливи 21-10. Во продолжението, дојде до мало опуштање во редовите на „вардарци“, па тоа го искористи Стеауа да се ибори за далеку попристоен пораз од само четири голови разлика.
Мартин Поповски со 10 голови беше најефикасен во редовите на нашиот тим, додека Дмитри Кисељев постигна девет. Македонскиот и регионалниот првак ќе ја заврши полусезоната на првата позиција со 33 бодови по 13 одиграни кола.
Вториот наш претставник, Металург, својот последен натпревар оваа полусезона го игра утре на гости кај екипата на Извиѓач.