
Соседското дерби на Европското првенство за Црна Гора
Во вториот натпревар од денешната програма на Европското првенство во ракомет во женска конкуренција, Црна Гора ја совлада Србија со 28:27 и остана во трката за пласман во полуфиналето, но влезот меѓу четирите најдобри сепак ќе зависи од епилогот на дуелите во последното коло. По поразот во вечерашното соочување со Црна Гора, ракометарките на Србија ги загубија сите шанси да се вклучат во битката за медали.
Почетната фаза на мечот им припадна на Црногорките кои во осмата минута имаа водство од 7:4. Потоа следуваше период во кој Србија доминираше во одбраната и на противникот повеќе од десет минути не му дозволи да постигне гол и во 26-тата минута стигна до предност од 15:11.
Водството од два до три гола Србија го одржуваше се до половината од второто полувреме, а по серија грешки во нападот Црногорките поведоа со 26:24 и на крајот успеаа да ја задржат предноста за конечна победа од 28:27.
Најефикасни со по шест гола во редовите на Црна Гора беа Милена Раичевиќ, Мајда Мехмедовиќ и Ѓурѓина Јауковиќ, а пет пати прецизна беше Јованка Радичевиќ.
Во составот на Србија, Катарина Крпеж Шлезак постигна 12 погодоци, а Дијана Радојевиќ пет пати ја затресе мрежата на противникот, но клучни за поразот на Србија беа 15-те загубени топки наспроти шесте на Црна Гора.
Во последното коло Црна Гора се среќава со Данска и за задржување на шансите за влез во полуфиналето и треба победа, но пласманот на втората позиција ќе зависи од епилогот на натпреварот Франција – Србија каде им е потребен пораз на домаќинот на првенството.
Завршницата на Европското првенство во ракомет во женска конкуренција ќе можете да го следите низ директни преноси на Телма. В петок се играат полуфиналните дуели додека в недела на програмата се мечевите за медали.
РАКОМЕТ ЕП ЖЕНИ – ГЛАВНА РУНДА
ГРУПА 1
РУСИЈА – ДАНСКА 32:21
ЦРНА ГОРА – СРБИЈА 28:27
ТАБЕЛА
1. | РУСИЈА | 4 | 4 | 0 | 0 | 111:92 | 8 |
2. | ФРАНЦИЈА | 4 | 2 | 1 | 1 | 98:90 | 5 |
3. | ЦРНА ГОРА | 4 | 2 | 0 | 2 | 101:104 | 4 |
4. | ШВЕДСКА | 4 | 1 | 1 | 2 | 100:102 | 3 |
5. | СРБИЈА | 4 | 1 | 0 | 3 | 103:104 | 2 |
6. | ДАНСКА | 4 | 1 | 0 | 3 | 99:120 | 2 |
ПОСЛЕДНО КОЛО 12.12.2018
ДАНСКА – ЦРНА ГОРА 15:45 часот
ШВЕДСКА – РУСИЈА 18:00 часот
СРБИЈА – ФРАНЦИЈА 21:00 часот