
Металург поразен од Мешков Брест
Во последниот настап пред домашните навивачи за оваа година ракометарите на Металург доживеаа пораз од 34:28 во соочувањето со Мешков Брест.
Македонскиот вицепрвак во 11-от настап во СЕХА лигата не успеа да стигне до втората победа. Гостите од Белорусија водеа во текот на целиот натпревар. Во првото полувреме Мешков Брест немаше поголема предност од четири гола, а во еден момент избраниците на Данило Брестовац успеа да стигнат до негатива од еден погодок, но на крајот од овој дел гостите на одмор заминаа со водство од 16:13.
Идентичен беше односот на силите и во продолжението од натпреварот што се играше во салата на СЦ Јане Сандански. Сепак во финишот како по обичај Металург немаше сила да му парира на противникот кој со серија од 4:0 стигна до највисокото водство од седум гола.
Сепак до крајот тимот од Автокоманда ја намали разликата за конечни 34:28.
Најефикасен во редовите на Металург со осум гола беше Гонсало Рибеиро, а по четири пати прецизни беа Филип Арсеновски, Александар Шпенде и Мартин Серафимов. Голманите на домаќинот Мартин Томовски и Никола Даниловски заедно комбинираа вкупно осум одбрани.
Во победничкиот тим прв стрелец со 10 гола беше Шиме Ивиќ.