Македонско дерби во СЕХА, Металург домаќин на Вардар

В среда во арената Борис Трајковски двата наши најдобри ракометни клуба Металург и Вардар по втор пат сезонава ќе се соочат во СЕХА лигата.

“Ќе играме со една од најдобрите екипи во Европа, екипа од Tоп-4. Играта ни е во нагорна линија, очекуваме дека уште ќе напредуваме. Во Нови Сад учевме боречки вештини, во Прешов малку не “зафркаваа“ судиите. Мене ме радува тоа што од првиот до последниот натпревар во оваа сезона одиме по нагорна линија. Нормално дека се појавуваат работите кои не се како што треба. Во Нови Сад не бев задоволен од голманите, бидејќи со пет одбрани не се добива натпревар, а не бев задоволен и од пристапот на некои играчи. Очекувам добра битка, не можам да кажам дека не ме интересира, јас не можам да спијам после натпревар. Поквалитетни се, ќе дадеме се од себе, очекувам добар резултат, а тоа за мене е победа и од еден разлика”, изјави тренерот на Металург, Данило Брестовац.

Репрезентативниот голман Мартин Томовски очекува еден голем меч и најави дека тој заедно со своите колеги ќе се обидат да направат изненадување.

“Вардар во овој момент бележи одлични резултати и така е во последните 3-4 години. Иако имавме две тешки гостувања, мотивацијата со Вардар ќе биде на едно огромно ниво. Повредите, заморот и сите работи што ни се случуваа на гостувањата ќе се заборават и нема да не спречат да го дадеме тоа што се бара од нас, со максимално залагање и дисциплина, за на најдобар можен начин да ги демантираме критиките на тренерот. Ќе се обидеме да го зголемиме нашиот придонес, еве и ние голманите да влеземе во некој континуитет, бидејќи за дел од нас следи репрезентација, нормално, треба да фатиме приклучок и да бидеме од полза и во националниот дрес”, рече Томовски.

Мечот се игра во арената Борис Трајковски и почнува во 20 часот и 15 минути.

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ