
Вардар домаќин на Кјелце, Металург завршува со Татран Прешов
Македонските претставници во ракометната Лига на шампиони денеска ги играат последните дуели во елитното натпреварување за оваа година.
Нашиот првак Вардар од 17 часот и 30 минути во салата на СЦ Јане Сандански го пречекува Кјелце во меч кој директно решава за освојување на втората позиција на табелата во А групата.
Тренерот на “црвено-црните” Роберто Гарсија Парондо нема да може да смета на Вуко Борозан и Рожерио Мораеш кои мораа да заминат на операција за да ги санираат повредите, но и покрај фактот што ќе недостасуваат две важни алки во тимот, останатите ракометари ветуваат жестока битка и победа за крај на овој дел од сезоната.
Во составот на Кјелце се враќа миленикот на скопската публика Лука Циндриќ, а тренерот Талант Душебаев ќе остане без помошта на Михал Јурецки, кој паузира поради повреда.
За 19 часот и 30 минути закажан е почетокот на мечот меѓу Татран Прешов и Металург, дуел со кој тимот од Автокоманда го завршува настапот во елитното натпреварување за оваа сезона.
Македонскиот вицепрвак без разлика на резултатот во овој дуел ќе остане на последната позиција на табелата, но ќе се обиде да ја прекине низата од три последователни порази во шампионската лига.
Домашниот тим атакува на нов триумф со надеж дека може да го освои второто место во групата и да обезбеди пласман во разигрувањето за влез во осмина-финалето.