
СЕХА: Вардар во среда со резервен состав против Извиѓач
Ракометарите на Вардар во среда се враќаат во „Јане Сандански“ по двете гостувања во Лигата на шампионите. „Црвено-црните“ во среда го пречекуваат последниот тим во СЕХА-лигата, Извиѓач. Тренерот Роберто Гарсија Парондо најави дека ќе ги штеди силите за овој натпревар и шанса во првиот тим ќе добијат оние ракометари со помала минутажа сезонава.
„Играме против тим што не го познаваме многу добро и е последен на табелата, но ако ги погледнеме резултатите се забележува дека губат со минимални разлики од 2 до 3 гола најмногу. Затоа е важно да не се опуштиме против овој противник. За нас е битно да победиме, зашто секоја победа ни е важна за да стигнеме на Фајнал 4 турнирот од лигата. Битно е на овие натпревари да им дадеме шанса на играчите кои не се појавуваат често во натпреварите во ЕХФ лигата на шампионите, за другите да можат да се одморат”, изјави тренерот Роберто Гарсија Парондо.
„Секој противник го почитуваме и цениме, но во среда ќе нѐ интересира само победа. Играме да ги освоиме бодовите, а како што спомна тренерот во екипата ќе бидеме играчите кои не настапуваат често во Лигата на шампионите” , рече левиот бек Грегор Оцвирк.