
Се предадовме пред Шпанија: Го загубивме и Кире Лазаров
Македонската ракометна репрезентација го доживеа првиот пораз на Европското првенство, откако на првиот натпревар од главната фаза загубивме од Шпанија со убедливи 20-31.
Она што е можеби уште полошо од поразот е повредата на Кире Лазаров, кој ги одигра само првите десетина минути, а потоа седна на клупата со лед на коленото и не влезе повеќе во игра.
Македонија само во првото полувреме имаше 15 технички грешки, а кога веќе беше јасно дека не можеме да им парираме на Шпанците, селекторот Раул Гонзалес им даде минутажа на помладите, додека искусните останаа на клупата, а Филип Миркуловски не одигра ниту минута.
Никола Митревски блескаше на голот на Македонија и покрај тоа што бранеше само во второто полувреме успеа да собере дури 14 одбрани. Стојанче Стоилов и Дејан Манасков со по четири голови беа најефикасни во нашиот табор.
И покрај поразот, Македонија и натаму има шанси да се пласира во следната рунда, но за тоа ќе мораме да ја победи Чешка во следното коло, а потоа и селекцијата на Данска.