
Барселона го совлада Вардар
Во дербито од А групата во Лигата на шампиони, ракометарите на Вардар во дуелот против Барселона се поразени со 30:26 и го забележаа првиот неуспех на домашен терен во текот на оваа сезона.
Гостите од Шпанија уште од самиот старт го најавија триумфот во преполната арена Јане Сандански. Барселона поведе со 5:1 и предноста од четири гола успеа да ја задржи до крајот на првото полувреме кога на одмор замина со водство од 13:9.
Во продолжението од мечот Каталонците имаа предност од седум погодоци, но во финишот Вардар успеа да ја намали разлика за конечни 30:26.
Ракометарите на Вардар направија премногу грешки кои противникот успеа да ги казни. Нашите ракометари имаа 12 загубени топки наспроти деветте на гостите.
На голот на Барселона блескаше Гонзало Перез де Варгас, кој имаше 12 интервенции додека вардаровите голмани Милосављев и Гедбан комбинирано имаа 10 интервенции.
Најефикасен во редовите на Вардар со шест гола е Тимур Дибиров, а пет пати прецизен беше Даинис Кристопанс.
Во победничката екипа прв стрелец со осум погодоци беше Дика Мем.