
Вардар подготвен за Барселона: Скопски навивачки „пекол“ за „каталонците“
Барселона е мотив сама по себе, па на ракометарите на Вардар не им е потребно ништо екстра повеќе за неделното дерби во ракометната Лига на шампиони. „Каталонците“ знаат што ги чека во скопскиот пекол во „Јане Сандански“, бидејќи неколку пати биле сведоци на атмосферата. Натпреварот беше распродаден уште пред десетина дена, па ннавивачите ќе бидат осмиот играч на Вардар во походот кон нова победа и зацврстување на врвот во Групата А.
„Екипата е подготвена. Одлично тренираме и подготвени сме за мечот“, вели тренерот Роберто Гарсија Парондо. „Ќе има многу тактика на мечот зашто доаѓа тим кој игра добро во двата правци. Сите се возбудени пред натпреварот со Барселона, која е одличен тим. Трибините секогаш се исполнети до последно место и очекувам голема поддршка од навивачите, како и одлична атмосфера. За квалитетот на екипата на Барселона не треба многу да се зборува. Тоа е тим кој секогаш е на ниво на задачата и претендира кон пласман на Ф4 во Келн. Барселона сезонава игра подобро од лани и сигурно ќе не очекува тежок и неизвесен натпревар. Мораме да одиграме интензивно и да се бориме максимално и нијанси ќе го одлучат победникот. Нема да ни недостига мотивација”, додава шпанскиот стратег.
Многумина експерти го отпишаа Вардар од борбата за завршниот турнир во Келн, но и покрај играчкиот и тренерскиот егзодус од минатите сезони, новите засилувања покажаа дека се достојни замени. Нашиот тим игра над очекувањата и победа против Барселона сигурно уште еднаш би го потврдила квалитетот на македонскиот првак.
„Играме против Барселона, со која натпреварот е за првото место во групата и за тоа до последно ќе се бориме. Кога беа извлечени групите се сметаше дека Барселона е фаворит во групата, но на теренот тоа не значи ништо. Тие знаат дека ги очекува пекол и нема да им биде сеедно. Играме пред наша публика. Знаеме како треба да се игра за да се победи Барселона. Имаме искуство и тоа ќе биде интензивен дуел и ако успееме да дадеме максимум може да очекуваме и позитивен резултат”, вели капитенот Стојанче Стоилов.
Натпреварот Вардар – Барселона се игра во недела во салата „Јане Сандански“ со почеток во 17 часот. Билети веќе одамна нема, но навивачите кои не можат да бидат на трибините ќе можат да го бодрат Вардар на голем видео-бим пред салата.