
Филипче: Продолжува изградбата на специјалната болница во Охрид
Изградбата на новото крило во специјалната билница Св. Еразмо во Охрид, која како што објави Телма е запрена од октомври минатата година, ќе продолжи, изјави министерот за здравство Венко Филипче. По средбата со директорите од охридските билници, тој истакна дека се разгледуваат начините како новиот блок во најкраток рок да се пушти во употреба и целосно да се опреми. Но, се уште не се знае дали тука ќе се пресели дел од Заводот за кардиологија, како што беше најавено при отпочнувањето на изградбата во 2015 година, со што не се согласува лекарскиот колегиум на оваа здравствена установа.
Со сериозни проблеми се соочува и општата болница во Охрид каде недостасуваат специјалисти на речиси сите одделенија. Министерот информираше дека дал одобрение за нови вработувања во охридската општа болница, посочувајќи дека со ваков проблем се соочуваат и други болници во земјава, но и во регионот, поради што во тек се анализи врз основа на кои се изготвува план за вработување и специјализација на млади лекари.
Министерот Филипче кој денеска престојува во работна посета на Охрид, во изјавата за медиумите се осврна и на проблемот со инсулинската терапија, посочувајќи дека се разгледува рамката во која ќе се движи набавката на следните количини со цел да се намали дефицитот на инсулин во државата.
Горан Момироски