
ФФМ го откажа Изборното Собрание: Единствениот кандидат се повлече
Фудбалската федерација на Македонија одлучи да го откаже закажаното Вонредно Изборно собрание за нов претседател на 1 септември, откако единствениот прифатен кандидат од Комисијата за избор и верификација Сашко Тасев ја повлече кандидатурата.
Комисијата за избор и верификација која заседавала синоќа исто така ги отфрли жалбите на тројцатата кандидати на кои претходно не им ја прифати кандидатурата, а тоа се поранешниот претседател на ФФМ, Харалампие Хаџи- Ристески, Вујадин Станојковиќ и Влатко Костов. Од Куќата на фудбалот нема официјална информација од кои причини Тасев ја повлекол својата кандидатура.
Според соопштението на ФФМ, Управниот одбор, администрацијата и другите тела на федерацијата во наредниот период активно ќе работат со цел организација на Генералното собрание за избор на претседател и притоа почитувајќи ги одредбите на Статутот на ФФМ и водејќи сметка да се обезбеди максимална конкурентност и транспарентност во целиот процес.
Шпекулациите во спортската јавност велат, дека следниот чекор најверојатно ќе биде свикување на ново Собрание на кое најпрво би требало да биде сменет статутот на ФФМ, поточно делот за поднесување на кандидатура за претседател, а дури потоа ќе биде свикано уште едно вонредно изборно собрание за избор на прв човек на ФФМ.
Довчерашниот претседател на ФФМ, Илчо Ѓорѓиоски си замина минатиот месец и прифати фунцкија во телата на УЕФА. Тој изминативе шест години ја извршуваше функцијата прв човек на македонскиот фудбал.