Делчево бара инвеститори меѓу иселениците

Делчево ги собра иселениците на првиот бизнис форум на кој им ги престави можностите за инвестиции во планинскиот туризам на Голак, како и  индустриските зони, во кои има комплетна инфраструктура  но со децении не е удрена лопата за отварање на нова фабрика.

Над 120 бизнисмени кои се иселиле од Пијанец беа дел од  форумот „Да ја поддржиме приказната за Делчево“. Заинтересирани се за вложување во овој нивен  роден крај, но сметаат дека државата треба да инвестира во патната инфраструктура. На магистралниот пат Кочани- Делчево, кој води до граничниот премин со Бугарија сега нема дупки, но се патува по свиоци и на него во истовреме транзитираат трактори, комбајни и камиони кои превезуваат  стока.

„Значи на прво место е инфраструктурата. Постоечката патна инфраструктура за жал е на незадоволително ниво како во Бугарија така и во Македонија. Но, јас сметам дека локалните иницијативи кои се во последно време ќе ја подобрат состојбата. Токму тие иницијативи ќе бидат основа за развојот на Македонија“, кажа Николај Талев – Инвестиционен фонд од Англија.

Граничниот премин со Бугарија, кој е на само 10 километри од Делчево и е влез и излез од една членка на Европската унија, како и царинска испостава се атрактивни услови за отварање на фабрики и за турските бизнисмени, кои се родени во Делчево, а се иселиле во Измир.

Пијанечко-Малешевскиот регион во текот на летото заживува, низ улиците е раздвижено од печалбарите. Според проценките на невладиниот сектор од Делчево, Виница, Кочани и Македонска Каменица само во Италија трајно се иселени до 6.000 жители. Крајниот исток преку ваквите бизнис форуми и денови на дијаспората бара начин да ги привлече иселениците да отворат свои бизнис во родните места.

Викторија Јованова

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ