
Македонија загуби од Швајцаријa и го освои 18-тото место на ЕП Б-дивизија
Македонската кошаркарска репрезентација до 18 години со пораз од Швајцарија го заврши настапот на Европското првенство Б-дивизија, што се одржува во Скопје.
Откако загубивме со минимални 64-65 од Швајцарците, официјално го освојуваме 18-тото место на турнирот.
Натпреварот го започнавме многу лошо, па противникот поведе со 0-16, за првиот период да заврши 6-20 за Швајцарија. Македонија потоа добра игра прикажа само во последниот период во кој влеговме со негатива од 15 поени.
Нашите кошаркари брзо ја топеа предноста на противникот, а на три ипол минути до крајот и поведовме со 59-58. Во финишот Швајцарија имаше повеќе нерви и успеа да дојде до минимален триумф од 64-65.
Ваљмир Какруки со 16 поени и 10 скока беше најдобар поединец во македонската репрезентација, а двоцифрен ефект во нападот имаше и Дамјан Миса со 14 поени. Кај Швајцарија најефикасен беше Кевин Мартина со 16 поени.
Македонија натпреварувањето го заврши со скор од три победи и пет порази.