
Нови затруени свадбари од Кочани
Нови осум свадбари од Кочани се затруле од храна, објави директорката на Центарот за јавно здравје во Штип, Марија Димитрова. Бројката на затруени гости на две одделни свадби во Кочани изнесува 13.
„Во моментов како што сум информирана пет пациенти веќе се хоспитализирани, нашите епидемиолози работат и на денешниов случај, а веќе се и известени инспекциските служби да излезат на терен“, вели Марија Димитрова дир на Центар за јавно здравје-Штип .
Медицинска помош побарале и невестата и нејзините родители од новиот бран на затруени лица од Кочани, но како што информираат лекарите, не се хоспитализирани. По завчерашните пет од кочанското село Тракање, денеска бројката е зголемена на 13 свадбари од Кочани, кои присуствувале на две одвоени свадби.
Резултатите се и веќе пристигнати за првиот случај на труење, при што од Центарот за јавно здравје – Кочани велат дека откриени се енетропатогени бактери.
„Резултатите покажаа присуство на голем број бактерии од видот салмонела ентеритидис и ентеробактериаци во веќе подготвените, како и во смрзнатите пирошки со пилешка шунка, кај филот за пирошки и кај смесата од јајца со презла. Единствено исправни за употреба се пирошките со свинска шунка“, рече директорката на Центарот за јавно здравје од Кочани, Магдалена Манасиева.
Резултатите од испитувањата веќе се доставени кај надлежните инспекциски служби, кои го затвориле објектот каде се подготвувала храната.
Пирошките што го предизвикале труењето биле послужени на свадбена свеченост во угостителски објект во Кочани, а биле подготвени од истата фирма што пред една седмица дистрибуираше храна и во Штип, каде беа затруени шеснаесет лица. Вкупниот број на затруени свадбари во Штип и Кочани за само една седмица изнесува 29.
Викторија Димитрова Јованова