МЗТ со донација од 100.000 денари

Македонскиот шампион во кошарка,МЗТ Скопје нема да користи субвенции и донира 100.000 денари со приклучување кон  иницијативата ’’Спортисти против корона вирусот’’  за обезбедување заштитни маски и опрема за здравствените работници, како и средства за дезинфекција и хигиена за социјално најзагрозените лица.

Во прилог соопштението на МЗТ

 

МЗТ Скопје нема да користи субвенции и донира 100.000 денари за борбата со Ковид-19!

Актуелниот шампион и убедлив лидер на табелата во актуелното првенство, МЗТ Скопје Аеродром, би сакал да ја информира јавноста дека нема да ги користи субвенциите предвидени според Законската уредба за финансиска поддршка на спортисти, спортски работници и спортска администрација за време на вонредна состојба, со цел тие средства да останат во буџетот и да бидат употребени на подобар начин во борбата против заедничкото зло на сите нас – болеста Ковид-19.

Нашиот клуб, воедно, на конкретен начин се приклучи на иницијативата #СпортистиПротивКоронавирусот и тоа со донација од 100.000 денари на наменската сметка, од која потоа ќе бидат обезбедени заштитни маски и опрема за здравствените работници, кои се во првиот одбранбен ред, како и средства за дезинфекција и хигиена за социјално најзагрозените лица. Со ова уште еднаш сакаме да ја покажеме дека сме општествено-одговорен спортски колектив, кој секогаш јавното добро на сите во државата го става пред личниот интерес.

Истовремено, со откажувањето од субвенциите и конкретната финансиска донација би сакале да ги поттикнеме и другите спортски колективи во Македонија да го следат нашиот пример и да помогнат, секој на свој начин и секој онолку колку што може. Коронавирусот е противник кој мора да се наттрча, натскока, тактички надмудри и на крајот убедливо да се – победи. Ова е заедничка борба на сите нас, во која активно се вклучија сите наши кошаркари, тренери, управа и администрација со желба да покажеме солидарност и хуманост.

Овој натпревар го играме за сите наши граѓани, за нас самите, за нашите семејства, за нашите деца. Знаеме што значи тимска игра и сигурни сме дека со заеднички сили ќе го победиме и коронавирусот.

Затоа, донирајте и вие и приклучете му се на победничкиот тим.    

    Скопје, 15.04.2020                   КК МЗТ СКОПЈЕ АЕРОДРОМ АД

 

Објавено на
© 2024 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ