
Вардар посакува со триумф против Кјелце да ја заврши годината во ЛШ
В сабота македонскиот првак Вардар го пречекува Кјелце и во директен дуел со гостите од Полска ќе решава за освојување на второто место на табелата во групата.
Мечот против Кјелце е последен за “црвено црните” за оваа година во Лигата на шампионите и тоа е дополнителен мотив за нашите ракометари да стигнат до триумф, а воедно и настапот пред домашната публика е шанса да се по три меча да се стигне до победа во елитното натпреварување.
“Против Кјелце ќе го одиграме последниот меч за годинава. Тие сезонава играат одлично. Играат многу брз ракомет, добра одбрана и имаат одлични ракометари. Ќе се обидеме да се подготвиме максимално. Најважно за нас е да играме 60 минути добар ракомет. Ако го направиме тоа ќе имаме големи шанси. Нашиот проблем досега беше што имавме 5-10 минути во коишто паѓавме. Мислам дека на никого не му треба посебна мотивација за овој меч. Сакаме да победиме на домашен терен и мечот може да биде многу важен за нас зашто со тие два бода ќе ја освоиме втората позиција”, изјави тренерот на Вардар, Роберто Гарсија Парондо.
Во првиот дуел сезонава во Полска, Вардар беше поразен од Кјелце, а капитенот Стојанче Стоилов ветува дека тој заедно со соиграчите ќе даде максимум за да се стигне до триумф.
“Не очекува тежок натпревар против тежок противник со одлични ракометари. Играме дома и за нас и за целокупната јавност ќе биде навистина убаво да победиме. Многу сакаме да ја завршиме годината во Лигата на шампионите со победа и се надевам дека ќе успееме да го направиме тоа. Кјелце е познат по провокации особено нивниот тренер. Се надевам дека нема да подлегнеме на нив. Наше е да излеземе на терен, да дадеме сè од себе и да победиме”, рече Стоилов.
Натпреварот в сабота се игра во салата на СЦ Јане Сандански, а почетокот е закажан за 17 часот и 30 минути.