
Ленд арт на Радика против изградбата на мали хидроцентрали
Едноставен ленд арт од камења, е поставен на брегот на реката Радика, во близина на селото Присојница, а посветен е на се почестото уништување на планинсите реки и водотеци, со изградбата на мали хидроцентрали. Тие исклучително негативно влијаат врз целиот жив свет, а особено врз животинскиот свет и крупните цицачи. Речната пастрмка, Балканскиот рис, слатководните школки и ракови, се дел од загрозените видови, на кои им се заканува исчезнување, поради стратешката определба , по секоја цена да се искористи хидропотенцијалот на реките за производство на струја од мали хидроелектрани, дури и во заштитените национални паркови. Ленд артот е дело на ликовниот уметник Адем Силејманоски, жител на село Ростуше, кое се наоѓа во срцето на Националниот парк Маврово, кој исто така е под закана од издавање концесии за изградба на мали хидроцентрали.
- Преку акцијата сакам да го подигнам гласот за проблемот со малите хидроцентрали и да алармирам дека при издавањето концесии, не се внимава на заштитата на загрозените видови и воопшто на биодиверзитетот, вели Сулејманоски. На овој начин авторот ја подржува борбата на еколозите за зачувување на биодиверзитетот и за одржлива животна средина. Ленд артот „ Стоп за малите хидроцентрали“, е дел од серијата, со еколошка тематика, на која работи Сулејманоски оваа пролет.