„ Злосторство на 21 век“ во Велешки театар

„Злосторството на 21 век“ е македонска праизведба на третиот драмски текст од антивоената трилогија на Едвард Бонд. Премиерата на претставата, во режија на Владимир Милчин, ќе се одржи во четврток- 16. мај, во 20 часот, на големата сцена на театарот во Велес. Едвард Бонд е еден од најважните живи драмски автори, длабоко контроверзен поради насилството прикажано во неговите пиеси, радикалноста на неговите ставови за модерниот театар и општеството, како и неговите теории за драмата.

„Злосторството на 21 век“ е напишан во 1999 година, а дејството е сместено во втората половина на 21 век и тоа е дистопична визија на еден свет во кој човештвото е под тотален надзор/контрола. Четворицата отпадници од цивилизацијата се бегалци од жигосувањето со микрочипови. Тие се кријат во урнатините и бегаат од законот, а во нивните односи доминира стравот од поткажување или откривање.

Во претставата настапуват актерите: Маја Љутков, Жарко Спасовски, Фаик Мефаилоски и Талија Настова. Преводот на текстот од англиски јазик е на Владимир Милчин и Ема Маркоска Милчин, сценографијата за претставата е на Крсте Џидров, костимографијата на Марија Пупуческа, а автор на музиката е Марјан Неќак.

Ова е прва театарска продукција на Велешкиот театар од Програмата за 2019 година, поддржана од Министерството за култура. Првата реприза на претставата е во сабота, на 18-ти мај.

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ