
Златко Славенски беше човек на светлината
Златко Славенски беше човек на светлината. Според Квантната физика, за која ненадејно починатиот театарски режисер и професор на ФДУ, се интересираше и ја применуваше во дел од претставите, светлината не умира. По смртта остануваат човечките одрази да талкаат во космосот, беше речено на денешната комеморација. На неа, во присуство на членовите на семејството, студенти, колеги од ФДУ, од повеќе театри и почитувачи на ликот и делото на Златко Славенски, со растреперен глас и одбрани зборови, се простија од него.
- Златко Славенски навистина беше човек на светлината.Човек со насмевка, човек што знаеше да те сослуша, да те прегрне, да те прифати и да ти помогне. Јас инсистирам да гледам на оваа посветла страна. Таа не ми ја намалува болката , но на некој начин ми ја ублажува. За мене значеше многу во театарскиот живот , бидејќи беше човек кој неколку пати ми довери големи задачи, рече Тони Михајловски- актер.
- Еден од малкуте духовни двигатели во нашето театарско постоење. Еден од ретките што се бавеа со театарот и додека спијат и додека се будни. Еден од оние што не можеа, а да не се бават со еволуцијата на театарот и сиот негов потенцијал. Еден од ретките добронамерници во нашиот суров театарски бек стејџ. Еден од оние , со кои муабетот секогаш беше контенплативен. Секогаш врзан за театарот, истакна Арна Шијак-актерка.