Желимир Жилник со два филма вечерва во МСУ

Во Музејот на Современа Уметност – Скопје, вечерва ќе бидат прикажани два филма од истакнатиот српски режисер-еден од претставниците на т.н. црн бран во екс Ју кинематографијата, Желимир Жилник. Проекции ќе имаат неговите филмови, краткиот „Мали пионери“ и долгометражниот филм „Убави жени одат по градот“.

По овој повод, Желимир Жилник пристигна во Скопје, па од 19 до 20 часот предвиден е разговор за неговото творештво со присутната публика. Веднаш потоа почнува проекцијата на филмовите. Изборот и концептуалната организација на настанот е на Артан Садику, кој и ќе го води разговорот со Жилник.

Тематската рамка за изборот на двата филма е наречена „Од маргини до дистопија“. Таа ја потврдува уште еднаш релевантноста на делата на Жилник за денешницата, во која сведочиме на глобален раст на нееднаквоста, која отфрла сѐ поголем број луѓе на маргините од општеството, а истовремено и приближување кон реализацијата на дистописките сценарија за човештвото, поради еколошката и политичката деградација, кои раѓаат носталгија по добрите минати изгубени времиња.

Филмот „Мали пионери“ (18 мин.), говори за социјално запоставени деца кои сами се грижат за себе, одлучуваат да крадат и да го прекршат законот. Тие се расправаат со нивните родители, кои ниту ги разбираат, ниту пак имаат чувства кон нив. А, филмот „Убави жени одат по градот“, (100 мин.), зборува за Белград во 2041, кој е напушен и руиниран град, покриен со ѓубре. Неколку стари луѓе живеат таму: поранешен новинар со неговата ќерка, поранешен политичар со неговата жена и поранешен полицаец, кој работи како чувар на конвикт во кој живеат осум девојки. Старците ги растат девојките според традициите на поранешните Југословенски нации, што е доста ризично бидејќи Јужна Европа е опустошена од банда, која забранува какво било сеќавање на минатото…

Желимир Жилник е еден од најпродуктивните и најнаградувани режисери од просторите на поранешна Југославија. Неговите играни и документарни филмови, од самиот почеток на кариерата се фокусирани на современи теми, вклучувајќи социјално и економско преиспитување на секојдневниот живот. За филмот „Рани Радови“ (1969), Жилник доби Златна Мечка на Берлинскиот Филмски Фестивал и три награди во Пула.

Објавено на
© 2024 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ