
Започнуваат Денови на руски филм во Кинотеката на Македонија
Со проекцијата на филмот „ Ана Каренина: Историјата на Вронски “, во режија на Карен Шахназаров, вечева во 20 часот, во Кинотеката на Макеонија ќе започнат „ Денови на рускиот филм“. До крајот на февруари ќе бидат прикажани 25 класици и современи остварувања од руската кинематографија, со што ќе бидат одбележани 25 години од воспоставувањето дипломатски односи меѓу Руската Федерација и Република Македонија. Покрај обраќањето на директорот на Кинотеката , Владимир Ангелов, на амбасадорот на Руската федерација во Македонија, Сергеј Баздникин и на рекротор на Универзитетот ЕФТА, Јордан Плевнеш, во рамките на вечерашната церемонија на отворањето, на филмскиот режисер и директор на „ Москва Филм“, Шахназаров ќе му биде врачена титулата почесен доктор -Doctor Honoris Causa, на Универзитетот. Ова признание со кое се вреднува придонесот во светската култура, уметност и хуманистика, ЕФТА до сега им го додели на Клод Лелуш, Шарл Азнавур, Маноел Де Оливеира, Јиржи Менцел, Роберт Вилсон и на други истакнати светски имиња. А утре во 11 часот Карен Шахназаров ќе одржи мастер клас за студентите на Универзитетот за аудиовозуелни уметности ЕФТА и за љубителите на филмската уметност.