
Започна снимањето на филмот „Стела“
Започна снимањето на долгометеражниот филм „Стела“. Главен лик во овој филм е дете, централен лик е младата шарпланинка Стела по која е и насловен филмот. Филмовите на Стојан Вујичиќ речиси секогаш вклучуваат деца и семејството како тема.
“Малку е растурено семејство, дисфункционално. Но секој од нив има задача да си пронајде една од петте човекови вредности: љубов, правилно однесување, барање на мирот и верувам сето тоа ќе се обедини во едно мирно семејство. Овој филм генерално зборува за надежта која би требало да ја има секое дете, да си најде едно семејство во кое што ќе порасне така како што би требало да биде” – изјави режисерот Стојан Вујичиќ.
За Огнен Антов „Стела“ е филм кој е предизвик поради повеќе причини:
“Првата работа која е најважна е дека прв пат во историја на Македонија, за време на поранешна Југославија и сега се снима филм за деца. Затоа што треба да го скршиме мразот и сите бариери за да се случи нешто. За прв пат во Македонија се обидуваме да направиме прва еколошка продукција, во која ќе пробаме да не произведуваме ѓубре и она што го има како пластика и хартија да го рециклираме, храната која е вишок или ја доинираме. Се обидуваме што помалку да ја загадуваме околината со специфично испланиран возен ред, тип на возен парк, користење на агрегати итн” – вели продуцентот Огнен Антов.
Во филмот главните улоги ги толкуваат: младата шарпланинка Стела, 12-годишниот Петар Маниќ, Дејан Лилиќ, Тони Михајловски, Симеон Дамески и Христина Поповиќ, позната од филмскиот хит „Парада“.
“Стела во кој онака сите веруваме и инвестираме, затоа што се работи за одлично сценарио каде што имаме приказна за дете, фамилијарна, семејна приказна, нешто што многу луѓе во Европа и го препознаа како добро сценарио. Доказ за тоа е и дека копродуценти се и од Србија и од Германија, така што мислам дека ни претстои добар успех со овој филм” – рече Дејан Лилиќ.
Сценариото е на Ева Камчевска, кинематографијата на Ѓорѓи Клинчаров.
Нина Стефанова