Замира традицијата на свирење мандолина во Македонија

Долгогодишната традиција на свирење мандолина во Македонија замира, се жали Ерхан Шукри, еден од раководителите на мандолинскиот оркестар „Скопје“. Според него, проблемот настанал пред повеќе од 10 години кога дошло до промена на наставниот план и програма во основните и во музичките училишта , а мандолината како предмет била заменета со блок флејта или укината.

„Министерството за образование или Бирото за развој , да подразмислат малку дека мандолината треба повторно да се врати во Македонија затоа што е голема традиција. Ни се случувало , да одиме по осмолетките, да ги презентираме инструментите , да не знаат што е мандолина. Така што сметам дека би било убаво да се направи некој напор , да се реанимира, повторно да се врати мандолината во тие школски клупи“, смета Ерхан Шукри-раководител на мандолинскиот оркестар „Скопје“.

Мандолинскиот оркестар „Скопје“ е формиран 2001 година од таткото на Ерхан, Рамадан Шукри. Со овој гест, тој ја продолжи традицијата започната пред 20 години, со мандолинскиот оркестар при МКЦ, освојувајќи низ годините повеќе „Град При“ и специјални награди на меѓународни натпревари.  Но, денес не се праќаат членови на мандолински оркестри од училиштата од внатрешноста во нивниот оркестар, а и татко му нема часови  за идните наставници по музика и раководители на мандолински оркестри, во државното средно музико училиште во Скопје, објаснува Ерхан Шукри.

Иако побаравме, до затворањето на прилогот не добивме одговор од Министерството за образование и наука. Во овие околности, ентузијазмот е тој што ги тера да продолжат да работат со мандолинскиот оркестар „ Скопје“, дополнува Шукри .

Сотир Трајков

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ