
Законски прекршувања констатирала работната група за Музејот на ВМРО
За прв пат прикажан во буџетот за 2007 година, започнат да се гради по една година и со потрошена сума до отворањето во 2011 година, од 12 милиони евра, Музејот на ВМРО се градел и конципирал со повеќе законски прекршувања, констатирала во елаборатот, работната група за ревизија на музејската дејност .
„Значи имаме прекршување на буџет, на законот за буџет и на законот за спроведување на буџет. Во однос на неадекватната позиција, со тоа што е токму изградбата на овој музеј ставена во дејност музејска и кинотечна. Значи тоа е веќе прекршување на законот за буџет и злоупотреба на пари кои што се наменски, бидејќи се однесуваат на функционирањето на музејската дејност и кинотечната“, кажа Донка Барџиева- Трајковска, член на работната група.
Прекршен е членот 7 од Законот за музеи, кој се однесува на условите за основање , зашто не бил изготвен елаборат, ниту пак музејскиот материјал бил доставен до отворањето. А, бил прекршен и Законот за заштита на културното наследство зашто материјалот не бил валоризиран , а објектот во 2013 година добил статус на културно наследство. Истото важи и за Порта Македонија, како депанданс на Музејот на ВМРО, дополни Барџиева – Трајковска. Целата поставка, со малку оригинали и со над 150 восочни фигури и слики, повеќе личи на тетарска сценографија. Поради искривувањето на историските вистини за формирањето на македонската државност и политичката поврзаност со активна партија кај нас, работната група предлага, тој да се преименува.
„Работната група воопшто не предлага да се затвори сегашниов Музеј на македонската борба за државност и самостојност, Музеј на ВМРО и Музеј на жртвите на комунизмот. Туку едноставно предлага преименување со скратување на сегашното име на музејот“, кажа Александар Литовски- претседател на работната група
Работната група до ресорното министерство препорачува да се формира експертска група која ќе изработи нова историска поставка, со оригинални документи и предмети зашто од 13 одделенија, како што рече Литовски, 8 се посветени на историјата на ВМРО, а и во останатите 5 индиректно се зборува за нивните дејци.
Сотир Трајков