За прв пат изложба во МСУ со дела од Музејот за модерна уметност од Солун

Јакнење на билатералните односи меѓу Грција и Северна Македонија по потпишувањето на Преспанскиот договор и развивање на започнатата соработка пред 2 години, меѓу нашиот МСУ и Музејот за модерна уметност од Солун. Вака, накусо може да се опише синокешниот чин на отворање на изложбата „ Дали сум јас тоа име или таа слика“, со која за прв пат Музејот од Солун презентира дела од својата колекција во нашиот МСУ. Соработката е начин за надминување на разликите меѓу народите, рече на отворањето градоначалникот Шилегов.

  • Најдобриот начин за надминување на разликите е соработката во културата. Затоа што културата, всушност не познава ни имиња, ни нации, ни народи. Познава луѓе . Луѓе што уживаат во уметноста, а уметноста е , верувам ќе се софласите, таа што не прави различни од останатиот жив свет на земјата, рече Петре Шилегов- градоначалник на Град Скопје.

Неговиот пријател, поранешниот градоначалник на Солун, Јанис Бутарис, на патот на соработката сеуште гледа пречки, но ги охрабри присутните дека тие ќе бидат совладани.

  • Јас мислам дека имаме долг пат пред нас, убаво исполнет со пречки. Не една, туку многу пречки. Но, ние ќе успееме, не грижете се!, истакна Јанис Бутарис- поранешен градоналаник на Солун.

Богатата колекција на МОМУС, на изложбата е претставена преку дела од 16 уметници. Слики, скулптури, видеа, инсталации и фотографии , по избор на кураторката Сираго Цијара и нејзините асистентки, ја доловуваат идентификацијата на современите луѓе, преку примената на дигиталните медиуми.

  • Базичната тема на оваа изложба е, како ја разбираме нашата субјективност, како се разбираме себе си во овој современ свет, во оваа ера на, како што ја нарекуваме, дигитална култура. Каде што сите параметри и начини на кои сме навикнати да се идентификуваме, се класата, расата, полот, етничката припадност, религијата. Тие се  сè уште важни, но многу се променети. На пример, полот е пофлуиден, изјави Сираго Цијара- кураторка на изложбата.

Соработката меѓу двата музеи не запира тука.

  • Веќе имаме во план да започнеме летна школа , која ќе се однесува на обука на млади куратори и уметници. А, ќе се одржи во нашава земја и во Грција, истакна Мира Гаќина- директорка на Музејот на современа уметност.

Програмата продолжува вечерва во МСУ, со перформанси на грчки уметници и познати музичари. Изложбата со дела од Музејот за модерна уметност од Солун е возвратна, по презентацијата во јуни на нашиот МСУ, таму, низ изложбата „ Сè што ни е заедничко“.

Сотир Трајков

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ