Во МСУ вечерва и утре симпозиум и изложба за значењето на архивирањето

Во Музејот на современата уметност во Скопје, вечерва и утре ќе се одржи Меѓународен симпозиум и изложба во организација на Здружението за современа уметност и кураторски практики „Проектен простор Прес ту егзит“. Насловот на симпозиумот е „Еј, што имаме да изгубиме? Архивирањето како колективен чин на отпор“. Покрај симпозиумот ќе биде отворена и изложба, која ќе биде достапна за јавноста од вечерва до 7 јуни.

Потребата да се реализира еден ваков симпозиум во Скопје, меѓународно реномираните уметници Јане Чаловски и Христина Иваноска од „ Прес ту егзит“, причините ги бараат во инцидентот од 21 април 2017 година, кога пожар го уништи Завод за урбанизам и архитектура во Скопје. Лоциран во неколку бараки од 60-тите години, во заводот беше сместена архивата за реконструкцијата на пост-земјотресно Скопје. Архивата на заводот, која содржеше планови, меморандуми, извештаи, брошури, книги, урбанистички студии и макети значајни за македонскиот идентитет, веќе лошо оштетена од пламен, чад и вода, беше оставена во руините на заводот и изложена на случајните минувачи.Во отсуство на граѓанска должност за организирање и расчистување, штетата беше комплетна. Неколку недели по пожарот, за време на одржување на 6. Меѓународен симпозиум „Кураторски размени: Простори, функции фикции и други заеднички именители“, тимот на Проектниот простор Прес ту егзит, заедно со локални и меѓународни уметници, а со поддршка на значајни институции и асоцијации како Државниот архив на РМ, Музеј на град Скопје и Асоцијација на архитекти, организираше акција за расчистување и заштитување на дел од документите и предметите од понатамошо оштетување. Овој гест и собраните документи ќе бидат појдовна точка за македонската програма во рамки на симпозиумот.

Преку овој јавен настан ќе се реанимира прашањето за нашиот однос кон незаштитеното модернистичко културно наследство, особено во однос на современото Скопје (пост „Скопје 2014”) и општествената употреба на просторот. Ќе се разговара и за недостатокот од достапна, кохерентна и јавна архивна материја по прашањето за културолошкото значење на Мастер планот за Скопје и како да се архивираат преостанатите спомени од материјалната модернистичка култура на градот. И како да се размислува и разговара за поимот „архивизам” како обединувачки концепт за архивистичка систематизација на документи, вклучително и чинот на граѓанска свесност и учество во процесот на ескавација и истражување на документи најдени во јавен простор. Да се поттикне стручна афирмација, ширење на интересот надвор од тесните стручни кругови на оваа специфична тема што ќе стимулира интерсекторска соработка и ќе отпочне дијалог за заедничко управување со материјалното и културно добро од овој вид што е од јавен интерес, велат од „ Прес ту егзит“.

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ