
ВМРО-ДПМНЕ: Да се повлече Годишната програма за култура, а министерот да поднесе одговорност
Не стивнуваат реакциите по објавувањето на резултатите од Годишната програма за култура. Опозициската ВМРО-ДПМНЕ денеска побара повлекување на Годишната програма и поднесување морална одговорност од министерот за култура, заради , како што рекоа, сомнежи за корупција, конфликт на интереси и злоупотреба на службената должност од страна на раковидни лица во ресорното министерство и комисиите кои одлучуваа за проектите.
„Уште еден сомнителен случај за злоупотреба на државна функција што фрла сомнеж за корупција при распределбата на сретствата и проектите во Годишната програма на Министерството за култура за 2018 година. Имено, во програмата доделени се неверојатно 660 000 денари за проект на Арлинд Хисеини, кој е шеф на кабинет на државниот секретар во Министерството за култура, Валмир Азири“, кажа Роберт Велјановски од ВМРО-ДПМНЕ.
Критериумите за распределба на проектите и сретствата, наместо стручни, естетски и вредносни, се чисто политички, дополнија опозиционерите. Од ресорното министерство , од каде најавија ревизија на спорните одлуки на комисиите, со одговор дека народните пари се уште не се уплатени на сметка на било кој од корисниците и дека допрва следува жалбената постапка.
По добивањето на решенијата од министерството, сите кои сметаат дека се обесправени , ќе имаат 15 дена по приемот на решението, да ја искористат жалбената постапка. Потоа комисиите ќе ги разгледуваат жалбите и ќе одлучуваат врз основа на аргументи, факти и критериумите наведени во конкурсите“, соопштија од Министерство за култура.
Во емисијата „ Код“ на тв Телма, беа објавени контроверзни одлуки на комисиите што отвораат простор за непотизам, за делување на здруженија во лажни престојувалишта, доделување сретства за сунет и други нелогичности.
Сотир Трајков