
Владата ќе испитува дали може да ги покачи платите на 20 % вработени во културата
Со нивелацијата на платите по дејности, што ја спроведе Министерството за култура, 2899 вработени во националните и локалните установи или околу 80 % од вкупно вработените, добиваат повисоки априлски плати, овој месец.
Но, за уште 20 % од вработените во културата, чии плати минимално или воопшто не се покачија со нивелацијата, Владата започнала разговори и ќе испитува дали може да добијат покачување, рече портпаролот Бошњаковски.
“Ќе ни дадете уште малку време како Влада и на Министерството за култура, да видиме до каде ќе одат разговорите, да се испитаат сите можности. И се разбира, кога ќе се утврди , дали е можно, дали не е можно, ќе ве информираме, соодветно” – изјави портпаролот на владата, Миле Бошњаковски.
20 % од вработените во културата кои не се опфатени со нивелацијата, до сега земале највисоки плати, а останатите 80 % се нивелирале со нив.
А, во тие 20 %, има вработени на работни места кои постојат само во поедини институции и е невозможно да се нивелираат самите со себе, велат за Телма од Синдикатот за култура.
Од таму најостро ги осудуваат самоиницијативните активности на поединци, кои деновиве не се водат според чувството за солидарност, туку од лични, лукративни побуди сами се ангажирале во Министерството за култура за покачување на нивните плати.
Нивелацијата на платите во установите од културата, што ја спроведе Министерството за култура , во текот на изминативе 6 месеци, на барање на СКРМ, беше со цел да запре трендот вработени на исти работни места, во различни установи, да земаат различни плати.
Целосно подобрување на платите ќе има со потпишувањето на новиот Колективен договор, во текот на годината, децидни се од синдикатот за култура.
Сотир Трајков