Ведрана Рудан: На човештвото му нема спас поради менталитетот на робови

На човештвото му нема спас поради менталитетот на робови , вели хрватската писателката Ведрана Рудан. Во ексклузивното интервју за Телма, кое го даде во рамките на промоцијата на нејзиниот роман „ Костурите на округот Мадисон“, што се одржа на Саемот на книгата, Рудан , која низ романите, колумните и на својот блог,  жестоко ја критикува општествената стварност во Хрватска и пошироко, вели дека не се плаши да зборува отворено и дека мрази авторитети. А, романот „ Костурите на округот Медисон“, како што вели, го напишала за да порача дека никогаш не е доцна да се смени сопругот, за подобар од него.

Се случи промоцијата на романот „ Костурите на округот медисон“. Во оваа книга зборувате за љубовта и за стравот да се реализира таа љубов, во позни, постари години. Па зошто ја избравте оваа тема?

  • Јас ја избрав таа тема за да кажам дека никогаш не е доцна за да се смени мажот. Постои приказна дека жената треба еднаш да се омажи и до смртта да биде со тој човек, каков и да е тој. Мојата порака е дека никогаш не е доцна, да се остави еден и да се најде подобар маж.

Вие сте жесток критичар на општествената стварност, како во Хрватска , така во регионот и во светот. Исто така пишувате и за поединецот , па и за семејството , и во Вашите колумни и во Вашите романи. Во принцип, имате некакви проблеми на социјалните мрежи во Хрватска, но не се плашите и понатаму продолжувате така жестоко да зборувате и да критикувате. Смее ли писателот да се плаши од она што го пишува и го зборува ?

  • Јас не би можела да кажам, каков би морал да биде писателот, зашто јас би можела да зборувам само во свое име. Јас не се плашам од никого и од ништо зашто едноставно, таква сум родена. Јас ги мразам авторитетите и тоа е мој голем минус или плус. Не гледам причина зошто би се плашeла да кажам дека нашите политичари се криминалци, дека мојата претседателка е глупачка, дека Хрватска е трагична земја, дека младите луѓе заминуваат и дека црквата не малтретира и злоставува. Тоа се вистини и јас не гледам дека ми треба посебна храброст, да го напишам тоа на блогот. Не сум храбра, само сакам да се забавувам. Јас секогаш пишувам заради себе и за своја душа.

Има ли иднина овој свет, ако и понатаму продолжиме да ги фаворизираме материјалните вредности? Каде ќе не однесе тоа, Ведрана ?

  • Јас мислам дека пропаднале диносаурусите и дека ништо специјално после тоа не се случило. Луѓето се само еден вид од животните, што живеат на земјата и кога светот ќе пропадне, овој наш, ќе дојде некој друг.

Ни има ли спас ?

  • Не, затоа што луѓето се поделени на робови и робовладетели. Големо мнозинство луѓе , имаат во себе чип-менталитет на роб. И едноставно, како што не можеш да го научиш тигарот да јаде салата, така не можеш да го присилиш народот, да го смени својот злосторник. А, и историјата ни покажа дека кога ќе замине еден крал, доаѓа друг, дека кога ќе замине еден претседател, доаѓа друг. Сите крадци, сите криминалци. И ни нема спас. Мислам дека тоа е утешно. Сотир Трајков
Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ