Вечерва започнува „ Скопје Креатива“

Во Кино Култура, вечерва со почеток во 20 часот, ќе започне осмото издание на „Скопје Креатива 2019“ – градскиот фестивал за промоција и развој на креативните индустрии, што годинава се реализира под мотото „Зелено Скопје“ и симболички ја содржи идејата за еколошката свест како култура на живеење.

Со својата богата фестивалска програма, „ Скопје Креатива“ до 2 јуни, ќе го размрда креативниот потенцијал на градот и низ експлозија од културни настани, наука и технологија ќе претстави креативни решенија за подобрување на квалитетот на животот на граѓаните.  Програмата опфаќа образовен, продукциски и презентациски формат и содржини од широката сфера на креативните индустрии, привлечни за граѓани од различна возраст и културни заедници.

Отворањето е на улица Македонија, со изложба на редизајни на постери за македонски филмови, корици на музички албуми и на книжевни дела, насловена „Ремиксувај ја културната стварност“, по што во Кино Култура следува „Брендирање на зелено Скопје“, каде ќе бидат изложени промотивни производи со графички решенија на тема „Зелено Скопје“, од македонски дизајнери и илустратори. Во 21 часот ќе започне музичката програма со звучно-визуелната инсталација на пијанистката Дуња Иванова – „Зелено во етерот за зелено Скопје“, а кулминацијата ќе биде со промоцијата на мини-албумот „Re:Cycled“ на Роботек. Влезот е слободен за сите програмски сегменти, велат организаторите.

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ