
Вечерва премиера на долгометражното филмско деби на Куштрим Бектеши
Во киното „ Синеплекс“ , вечерва со почеток од 19 и 30 часот , ќе се одржи премиера на филмот „ Незаборавна пролет во заборавеното село“. Сценориото и режијата на филмот ги потпишува театарскиот режисер Куштрим Бектеши, кому ова му е филмско деби на долгометражно остварување, по двата снимени кратки филма.
„ Незаборавна пролет во заборавеното село“, зборува за судирите меѓу повеќе сопружници во една зафрлена средина, откако во селската кафеана ќе се појават три проститутки на кои мештаните ги трошат парите и времето и покрај револтот и незадоволството од нивните сопруги. Филмот е копродукција меѓу „ Мануфактура продукција“ од Скопје, „ Скандал продукција“ , од Албанија, „ Медија и филм продукција“ од Косово,„ и Скупи фест“, од Скопје. Директор на фотографија е Алмир Џиколи, музика компонираше Тримор Доми, како костимограф работеше Жаклина Крстевска, а дизајнот на звукот го направи Дарко Спасовски. Во филмот играат актери од Северна Македонија, Косово, Албанија, БиХ и Бугарија: Шкумбин Иштрефи, Осман Ахмети, Ндричим Џепа, Музбајдин Ќамили- Мучи, Вјолца Бектеши Хамити, Дијана Спасова, Веби Ќерими, Адеми Карага, починатиот актер Салаетин Билал и други.
Филмот ќе биде прикажан во официјалната селекција на претстојниот интернационален Московски филмски фестивал.