Вечерва по 350 пат „ Убавицата и ѕверот“ во Театарот за деца и младинци

На сцената на Театарот за деца и младинци, вечерва ќе биде одиграна најдолго изведуваната претставата во повоената историја на македонскиот театар. Се работи за „ Убавицата и ѕверот“, која се игра во континуитет цели 20 години. Според театрологот Јелена Лужина, имаме и други претстави , играни со децении, меѓу кои се „ Чорбаџи Теодос“, со 346 изведби, „ Болва во уво“ , со 344 изведби и „ Сомнително лице“, со 262 изведби. Но, ни една од нив не се играла без пауза цели две децении, во исти костими и не достигнала бројка од 350 изведби. Претставата „ Убавицата и ѕверот “ е работена по текст на Игор Бојовиќ, а во 1998 година ја постави режисерот Димитар Христов. Во претставата учествуваат актерите Ана Левајковиќ Бошков, Игор Маџиров, Олгица Христовска, Тања Кочовска, Владимир Лазовски, Предраг Павловски и Драган Довлев. По заминувањето на Христовска од театарот, нејзината улога ја добила актуелната директорка и актерка Катарина Илиевска Силјановска. А, за брачниот пар актери, Кочовска- Павловски, вечерашната изведба ќе биде своевиден јубилеј зашто тие се единствените од актерската екипа, кои во улогите на Скакулка и на таткото на Убавицата, настапувале без пауза во сите 349 изведби, до денеска. Сценографијата и костимите се на Александар Ношпал, на кого ова му бил прв ангажман во театар, по дипломирањето моден дизајн. Автор на музиката е Славе Димитров, а кореограф е Александар Хаџиманов. За преводот на текстот од српски на македонски јазик, бил задолжен бардот на македонската литература, Петре М.Андреевски. Заменик министерот за култура и актер во ТДМ, Владимир Лазовски, кој годинава слави 25 години театарска дејност, најави дека се прават подготовки за собирање проектна документација, што се очекува да заврши до мај 2019, за изградба на нов објект за ТДМ.

 

 

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ