
В.д. директорот на Турскиот театар во оставка негира поврзаност со ПДТ и обвинува за партиски влијанија во театарот
Не престанува препукувањето на релација в.д. директор на Турски театар во оставка, со Управниот одбор на театарот , во кој членуваат лица од Партијата за движење на Турците. Директорот Наџи Шабан демантира дека некогаш бил член на партијата и бара извинување од неа. А, од таму велат дека бил и така станал директор на Турскиот театар во 2006 година, а членството му престанало поради гафови. Шабан обвинува и за партизирање на театарот, а од партијата велат дека тој за своја корист ја менувал програмата , го ситнел буџетот и затоа поедини режисери се откажувале од работата, таму. Тој обвинува и дека не му е потпишано решението за годишен одмор од претседателот на Управниот одбор, а од партијата велат дека кога е во тек промена на раководство, стариот директор треба прво да направи примопредавање со новиот, а потоа да замине.
В.Д. директорот на Турскиот театар во оставка, Наџи Шабан, ги отфрла како невистинити тврдењата дека бил член на Партијата за движење на Турците.
„Барам јавно извинување дека сум член на таа партија, бидејќи под целосна материјална, морална и кривична одговорност изјавувам дека не сум член на таа партија. Оваа невистина ќе ја оквалификувам како нарушување на мојот углед“, кажа Наџи Шабан- в.д. директор на Турскиот театар во оставка
Од ПДТ велат дека тој бил член на партијата , но поради гафови, веќе не е.
„Точно е дека Наџи Шабан еден период беше член на ПДТ и по таа основа во 2006 година беше назначен за директор на Турскиот театар. Остана на функцијата до изборите есента 2008 година, кога го замени нов директор. Подоцна , поради гафови од негова страна, членството му престана“, соопштија од Партијата за движење на Турците.
Наџи Шабан обвинува за партиски наметнат Управен одбор кој ја кочел работата на театарот со членството од ПДТ. Од партијата велат дека од самиот старт, Управниот одбор се соочил со обиди за промени на програмата, ситнење на буџетот и барања за вклучување на Шабан како актер, во тие претстави, поради што некои режисери ги откажале проектите.В.Д. директорот на Турски театар испрати документ од кој се гледа дека бара објаснување за непотпишаното решение за годишен одмор од претседателот на Управниот одбор. А од партијата велат дека кога се подготвува смена на раководството на секоја институција, стариот директор мора да направи примопредавање со новиот. Вчера, за оставката на Шабан на последниот ден од неговиот мандат, од ПДТ рекоа дека е поради неговите сознанија дека нема да биде нов директор на Турскиот театар, а од Министерството за култура, каде заврши конкурсот, најавија дека наскоро ќе се знае името на новиот директор со полн мандат.
Сотир Трајков