В.Д. директорот на Турски театар поднел оставка кога му истекол мандатот

Во образложението на оставката до министерот за култура, која денеска ја пренесоа повеќе медиуми,  в.д. директорот на Турскиот театар, Наџи Шабан наведува дека го крева гласот против партизација и поделби, наметнати од турските политички партии и поради притисоци и уцени за кадровски решенија по политичка линија .

„Притисоците, уцените за кадровска политика, обидот за партизација на Турскиот театар и намерна опструкција на политичката елита за непречена работа на Турскиот театар-Скопје, ме натера да поднесам неотповиклива оставка на функцијата директор, бидејќи сум професионалец“, кажа Наџи Шабан-в.д. директор на Турскиот театар во оставка

Како што дознаваме од наши извори од Турскиот театар, в.д. директорот Наџи Шабан веројатно поднел оставка на функцијата, откако разбрал дека на завршениот конкурс за избор на директор на оваа установа, тој едноставно не поминал.

Тоа го потврдуваат и од неговата Партија за движење на Турците.

„Наџи Шабан побара да биде разрешен од функцијата в.д. директор на Турскиот театар, на последниот ден од неговиот втор мандат затоа што дозна дека нема да биде нов директор на театарот“, соопштија од Партијата за движење на Турците

Од Министерството за култура велат дека мандатот на Наџи Шабан истекува денеска, но немаат коментар за оставката. Велат дека се работи за личен став и дека во најскоро време ќе назначат директор со полн мандат. За целата ситуација, Телма се обиде да добие одговор од Наџи Шабан, но тој остана недостапен. Шабан беше назначен за в.д. директор на Турскиот театар на 24 јули 2017 година. Во јануари годинава, неговиот мандат беше продолжен од претходниот министер за култура, Алаѓозовски, за уште 6 месеци. Шабан беше и директор на Турскиот театар, од 2006 година кога дојде на власт ВМРО-ДПМНЕ и беше во коалиција со турската партијата на Аднан Ќахил.Тогаш Наџи Шабан остана две и пол години на функцијата.

Сотир Трајков

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ