
Уметноста како канал за комуникација меѓу Грција и Македонија
Во 2003 во Националниот театар во Атина Слободан Унковски премиерно ја постави драмата „Четвртата сестра“ на Јануш Гловацки. Во ноември 2005 со „Крал Лир“ според истоименото дело на Шекспир во истиот театар Унковски ја крена Атина на нозе. И политичкиот естаблишмент дојде да му се поклони, грчкиот претседател Каролос Папуљас и неговиот претходник Костис Стефанополус му честитаа на Унковски на бината. Во многубројните интервјуа кои ги даде за медиумите Слободан Унковски секогаш потенцираше дека инсистира на уметноста и дека политиката нема никогаш значење во неговите триумфи.
Со премиерата на „Орест“ во Епидаурус, несомнено најважното место за театарската уметност во Грција на 1 и 2 август 2008 Слободан Унковски уште еднаш го потврди својот триумф и предизвика неверојатен интерес кај публиката и во медиумите. На изведбите во Епидаурус првата вечер имало 6000 илјади гледачи, на втората изведба пак над 10 илјади. Веднаш по премиерата претставата продолжи со својата турнеја по Грција и интересот не стивнуваше. За премиерата на Орест на која присуствувала и нашата режисерка Зоја Бузалковска инаку некогашна студентка на Унковски чувството да се се направи премиера таму е голема чест. Ретка привилегија за неколку режисери од светот, а кои не се Грци .
Меѓу тие неколку имиња сега е и името на Унковски. Тој направи претстава, револуционерно современа во читањето, која успева да ги разбие стереотипите и притоа да ја восхити публиката”, рече тогаш Бузалковска. Беше прекрасно да се биде на сцена во еден момент на триумф на уметноста, на 2 август, во срцето на Грција и воопшто на театарот”, изјави тогаш Унковски за медиумите. Во сите интервјуа кои сум ги дал за медиуми и кои не беа малку на број доколку сум изговорил Македонија, така стоело, со нивни коментар дека се сложуваат или не се сложуваат, сепак не сум бил изложен на непријатна ситација, вели Унковски.
Веднаш по протестите во Атина на 4 февруари Гиоргос Сарајанис театарски критичар и автор на најпознатите блогови за театар во Грција, воедно и долгогодишен пријател на Унковски на својот фејзбук профил напиша :
„Протестите им припаѓаат на минатото, обраќањето на Теодоракис не е ништо повеќе од едно ехо, кое два дена подоцна, и понатаму ме прогонува. Пријатели мои, таму во „некрстената“ земја и подалеку кои бегавте да се спасите од Граѓанската војна, сите вие што не се чувствувате како наследници на Александар Велики, како и ние, ви се извинувам. Се срамам.“
Соработката со театрите во Грција и бројните пријатели кои ги стекнал низ годините за Слободан Унковски се само уште една потврда дека ваквите искуства треба и понатаму да продолжат.
Нина Стефанова