Уметници од  независната сцена бараат средба со премиерот Заев

Уметници и културни работници од иницијативата „ Култура е насловна страна на секое општество“, бараат средба со премиерот Заев и со претставниците за култура од неговиот кабинет. Иако, како што велат во дописот до јавноста, ќе бидат вклучени во две работни групи при Министерството за култура, кои од 15 април ќе започнат со изработка на измени, дополнувања и финализирање на Предлог- законот за остварување јавен интерес во култура и на развој на модели за оценување и механизми за финансирање на јавниот интерес во културата, за подршка на вонинституционалниот сектор, од иницијативата „ Култура е насловна страна на секое општество“, бараат вклученост и подршка од премиерот и неговиот кабинет на нивните заложби.

  • Бараме реализација на средба со премиерот Зоран Заев, советничката за култура на премиерот, Цветанка Ласкова и со националниот координатор за развој на културата и меѓуресорска соработка , Роберт Алаѓозовски и ги повикуваме да се вклучат и да ги подржат заложбите на Иницијативата во финализирање и донесување на Предлог-законот за остварување јавен интерес во културата, велат во дописот од иницијативата „ Култура е насловна страна на секое општество“.

Од Владата со делумно прецизен одговор за средбата.

  • Средбата на премиерот Зоран Заев, со претставници од Иницијативата „ Култура е насловна страна на секое општество“, очекуваме да се случи во најскоро време, тогаш кога ќе му дозволи агендата. А, советничката за култура на премиерот, Цветанка Ласкова и националниот координатор за развој на културата и меѓуресорска соработка, Роберт Алаѓозовски очекуваат да бидат повикани на првата средба со работните групи во понеделник, во Министерството за култура, велат од Владата на РСМ.

На првиот јавен состанок што се одржа во март, на претставници од Иницијативата, од национални и локални установи, Синдикатот за култура и граѓански организации, била постигната согласност дека не треба да се работи на парцијално решение во насока на изработка на предлог механизми за оценување и финансирање во форма на амандман на актуелниот Закон за култура, туку тие механизми директно да се вклучат во Предлог- законот за остварување јавен интерес во културата, кој треба да биде донесен до крајот на јуни. А, по потпишаниот меморандум за соработка со Синдикатот за култура, заеднички ќе се работи на финализирање на Предлог-законот за остварување јавен интерес во културата, дополнуваат во дописот од иницијативата „ Култура е насловна страна на секое општество“.

Сотир Трајков

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ