Тргнати восочните фигури од галеријата во Музејот на македонската борба за самостојност

Восочните фигури на 16 историски личности, меѓу кои се Хитлер и Сталин, се тргнати од галеријата во фоајето на Музејот на македонската борба за самостојност.  Тоа е направено поради зачестените изложбени активности, во рамките на новиот концепт на работа на музејот, кој од 12.12. 2018 година, од Министерството за култура доби решение за работа како посебна национална установа, вели во писмено соопштение в.д. директорката Даниела Николова.

  • Восочните фигури од галеријата се дислоцирани, а дел од нив се вратени во музеите, на кои според реверсот за привремено отстапување им припаѓаат, вели в.д. директорката Николова.

Според Николова, која на функцијата дојде кон крајот на август, минатата година, венчавките во конференциската сала на музејот, исто така се минато. Привремено се дислоцирани во Порта Македонија , која е подружница на музејот, во која исто така се планира да се спроведе реконципирање, со цел заживување на изложбената активност.  А, во Музејот на македонската борба се формирани одделенија и збирки, за што биле направени внатрешни преуредувања и други промени, како и воведување музејска евиденција која недостасувала од порано.

  • Согласно член 2 и член 3 од Правилникот за работа, воведена е музејска евиденција преку водење влезна книга, книга на инвентар, излезна книга, картотека и музејска документација. Обработени се музејските предмети и за нив се направени исписи, а влезните и инвентарните книги се укоричени и каталошки обработени, вели в.д. директорката.

Музејот на македонската борба за самостојност поседува оригинални предмети како оружје, воена опрема, печати, резбани предмети и др. За потребите на проектот „ Минатото на дланка“, наменет за лица со оштетен вид, во секое музејско одделение е издвоен по еден оригинален предмет кој ја раскажува својата приказна во печатена форма , со Брајово писмо и во аудио форма, во соработка со училиштето „ Димитар Влахов “.

  • Промоцијата на водичот е завршна фаза од проектот за подобрување на пристапот на слепите и слабовидните лица до музејот. Проектот беше подржан од Балканската музејска мрежа, објаснува Николова.

Во Музејот на македонската борба лани беше поставена изложбата “ Спомени за Првата светска војна“ , со ретки предмети од 4 годишната Голема војна. Годинава се одржа изложбата „ Европската мода на Црногорскиот двор- рефлексии“, реализирана со оригинални фустани, накит и други креации кои за прв пат ја напуштија Црна Гора. Во моментов е поставена изложбата „ Музејски перформанси- женски приказни“, на која се презентирани повеќе или помалку познати жени кои дале општествен придонес во времето кога живееле. Во август ќе биде отворена изложба со експонати од  белградската „Галерија 73“ . Потоа следуваат уште две изложби, од Босна и Херцеговина и од Турција.

– Посетителите може да изберат дали ќе го посетат музејот самостојно или со водич, дополнува во соопштението, в.д. директорката Николова.

Името на музејот беше сменето во почетокот на март , оваа година , со одлука на Влада и од Музеј на ВМРО и на жртвите на комунизмот, музејот е преименуван во Музеј на македонската борба за самостојност.

 

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ