Споменикот на Ченто бил подигнат со кршење на Уставот и на повеќе закони

Кршење на Уставот и на повеќе закони, меѓу кои, за споменици и спомен обележја, како и на законите за буџет и спроведување буџет, утврдила работната група при Министерството за култура  , формирана за ревизија на „ Ск 2014“, во елаборатот за меморијалниот споменик на Ченто. Таа предлага сите докази да се предадат на ЈО за започнување предистражна постапка, а споменикот да се легализира поради неговото значење, добрата локација и немањето друг споменик на Ченто во Скопје.

Свесно и грубо кршење на уставните одредби во однос на поделбата на локалната и законодовната власт, утврдила работната група во одлуката на Општина Центар да започне постапка за подигање на меморијалниот споменик на Ченто, се вели во елаборатот. Според член 5 од Законот за меморијални споменици и спомен обележја , единствено надлежно за подигање на меморијални споменици е Собранието на Република Северна Македонија, како врвна законодавна власт, велат од работната група.

  • Tоа упатува на фактот дека Советот и Градоначалникот на Општина Центар со носење, односно неспречување на одлуката , го суспендирале правото на одлучување на законодавната власт за работи од нејзината надлежност, велат од Работна група за ревизија на „ Ск 2014“.

Направени се прекршувања на Законот за споменици и спомен обележја , на Законот за буџет , на Законот за споведување буџет, на Законот за локална самоуправа и на Законот за јавни набавки, констатирала работната група во елаборатот . Таа предлага сите докази да бидат испратени до ЈО за покренување предистражна постапка, со цел утврдување вина и судско процесуирање на одговорните лица за злоупотреба на службена должност и организиран криминал, како и легализирање на споменикот поради историското значење на Ченто, немањето негов споменик во Скопје и добро избраната локалција, каде е поставен.

За подигање на меморијалниот споменик на Методија Андонов Ченто, според истражувањето на новинарската мрежа БИРН се потрошени околу 870 илјади евра. Тој е еден од најкритикуваните објекти од „ Скопје 2014“, поради неговата нарушена статика . Па, од 2010, кога е поставен до денес, споменикот на првиот претседател на Президиумот на АСНОМ се крепи на мермерен блок, во форма на пенушка.

Како инвеститор на споменикот се јавува Општина Центар кога нејзин градоначалник беше Владимир Тодоровиќ. Автор е скулпторот Димитар Филиповски, а споменикот се правеше во италијанската леарница „ Пјетро Базанти“.

Сотир Трајков

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ