
Солидарноста за Скопје на централно место во МОМА
Ова не е обична средба, и не е на обично место. Јован Ивановски е професор на Архитектонскиот факултет при УКИМ. А, зградата на Телекомуникацискиот центар , како дел од планот на Кензо Танге, каде се сретнавме, е еден од 9 проекти преку кои Ивановски, заедно со колегите Владимир Десков и Ана Ивановска Дескова, ја претставија изградбата на постземјотресно Скопје, на изложбата во престижниот Музеј за модерна уметност , насловена „ Кон бетонската утопија : Архитектура во Југославија 1948-1980 година “. Ивановски, скоро вратен од Њујорк, ги споделува впечатоците.
„Во однос на таа југословенска приказна, во однос на целата изложба во МОМА, делот за Скопје зафаќа клучно место. Не само заради продукцијата, што за мене е важно како архитект, туку и заради политичките процеси. Обновата на Скопје е прокт на солидарност и на Истокот и на Западот и тоа е местото каде што тие сили на глобализмот за прв пат ќе се сретнат“, вели Ивановски.
Со Ивановски го листаме каталогот, подготвен од главниот куратор на изложбата, Мартино Стерли. Фотографиите ги израбил Валентин Јек. Тој дошол во Скопје и ги фотографирал футуристичките бетонски градби на МОБ, како дел од Културниот центар на „ Биро 71“, споменикот „ Македониум“, на Јордан и Искра Грабул, Телекомуникацискиот центар, на Јанко Константинов, и Студентскиот дом „ Гоце Делчев“, кој заедно со Градскиот архив го претставуваат творештво на Георги Константиновски, на изложбата . Тука е и планот на Кензо Танге за централниот дел на Скопје, Музејот на Македонија, на Мимоза Несторова Томиќ и Кирил Муратовски, Управата за хидрометеорошки работи на Крсто Тодоровски и зградата на УКИМ, на Марко Мушиќ.
„Ние се одлучивме да се насочиме на периодот после земјотресот како еден од периодите кој што бил најдинамичен за развојот на градот, во кој што е направена практично највредната и најобемна архитектонска продукција“, додава Ивановски.
Делата на нашите архитекти , на изложбата се рамо до рамо со репрезентативните зданија и споменици со антифашистичка тематика, на темелниците на современата архитектура во поранешна Југославија, Богдан Богдановиќ, Вјенцислав Рихтер , Едвард Равникар, Јурај Неидхарт и др.
„Повеќе од 400 оригинални објекти, цртежи, скици, макети се поставени. И на некој начин е прва и се плашам единствена можност тој материјал од поранешната заедница да биде изложен на таков објективен начин и во толкав обем“, вели Ивановски.
Изложбата ги доловува различните пристапи на архитектите , кои твореле под влијание на стилот Брутализам, во американското и јапонското градителство. „Њујорк Тајм“ , во текст под наслов „ Мешалката за цемент како муза“, ја оценува изложбата како извонредна и изненадувачка , таква за каква треба да размислува МОМА, додека се подготвува да го освои светот , пошироко. Изложбата ќе биде отворена до 13 јануари следната година.
Сотир Трајков