
Со промоција на „ Невидлива жена и други раскази“ на Славенка Дракулиќ започнува „BookStar 2018“
Во Клубот -ресторан при МКЦ, вечерва во 19 и 30 часот ќе биде отворено 4- то издание на фестивалот на европска литература „BookStar 2018“. Во рамките на отворањето, ќе биде промовирана збирката раскази „ Невидлива жена и други раскази“, од познатата хрватска писателка со европско реноме и шветска адреса, Славенка Дракулиќ. За книгата покрај авторката Дракулиќ, ќе зборуваат и промоторите, Ана Мартоноска и Ангелина Бановиќ-Марковска. Збирката со месеци го држи првото место на бестселер листата на „Фрактура“, најголемата хрватска издавачка куќа.
Во рамките на фестивалот„ BookStаr“, ќе бидат претставени уште 6 мина европски и двајца домашни писатели, чие творештво загатнува актуелни и општествено ангажирани прашања , како што се: Џамал Уаријачи од Холандија, Офејгур Сигурдсон од Исланд, Михал Ајваз од Чешка, Антон Баев од Бугарија, Рику Корхонен од Финска, Енес Халиловиќ од Србија и нашите Живко Грозданоски и Јосип Коцев. „ BookStar 2018“ ќе трае до 21 ноември. Зад организацијата на фестивалот стои издавачот „Антолог“.