
Скулптурите од проектот „Скопје 2014“ биле подигнати како урбана опрема
Скулптурите на Бикот, Шмизлата , Маските и останатите 32, кои беа поставени во централното градско подрачје во 2009 и 2010 година, биле подигнати со прекршување на уметничките, архитектонските и урбанистичките стандарди, вели претседателот на работната група. Во шестиот елаборат кој тие го доставиле до министерот за култура Алаѓозовски, било констатирано дека при спроведувањето на конкурсот имало повеќе незаконитости, кои влијаеле не само на погрешниот третман на јавниот простор, туку и на квалитетот на скулптурите. Тие биле незаконски поставувани преку процедура за урбана опрема, која исто така не била исполнета, а како скулптура била прикажана и Порта Македонија, потенцира Грчев.
„Порта Македонија идела меѓу скулптурите како што се Шмизла или Дрво и прераснала во тој монструм. А обратно, сите овие скулптури, од како се донесени тие одлуки при Министерството, дека се откупени, дека ќе се реализираат , потпишани се договори како за јавна набавка со авторите. И потоа се спроведени во процедура која што е надвор од умот, процедура за урбана опрема“, кажа Мирослав Грчев- претседател на работна група за „Скопје 2014“
Но, и таа процедура не е исполнета, објаснува Грчев и додава дека работната група дала две препораки:
До Општина Центар, да ги поништи решенијата што ги издавала за поставување на скулптурите и до МСУ, да ги ревалоризира нивните уметнички вредности, по склучениот договор со бившиот владин состав, за чување и одржување на скулптурите. На конкурсот кој беше спроведен 2008 година беа избрани 35 скулптури од 26 автори. Дел од нив изработија по две до три скулптури, а според истражувањата на БИРН, најскапа инвестијаца на ресорното министерство е скулптурата „ Македонија“, на авторот Зоран Костовски, за која биле дадени околу 100 илјади евра.
Работната група, формирана за проектот „ Ск2014“, до сега изготви и достави на разгледување 5 елаборати. За спомениците на Андон Јанев- Ќосето, Александар Македонски, Филип Втори, за Порта Македонија и за скулптуралната композиција Мајка Тереза. Град Скопје минатата седмица го дислоцира споменикот на Ќосето, со објаснување дека е дивоградба.
Сотир Трајков