СКРМ стана единствен репрезентативен синдикат во културата

Синдикатот за културата на Република Македонија официјално стана репрезентативно тело што ги застапува правата на вработените во областа на културата. Како што се вели во соопштението , испратено од Советот на СКРМ, во текот на вчерашниот ден примиле допис од министерката за труд и социјална политика Мила Царовска, со кој им биле доставени решенијата за утврдување на репрезентативноста во културата. Репрезентативноста на СКРМ е резултат на огромен ентузијазам и четиригодишни напори, да се променат состојбите во културата.

  • Дејствуваме волонтерски и поминавме секакви притисоци, опструкции и потценувања. СКРМ во моментот брои околу 1000 членови, има 33 синдикални организации на ниво на институции и е единствен репрезентативен синдикат во културата. Во изминатиот период, активностите на СКРМ резултираа со изработка на нов Закон за остварување на јавен интерес во културата, финансиска валоризација  на стручните звања кај вработените во дејноста на заштитата на културното наследство, музејската, библиотечната и кинотечната дејност. Преговори и изработка на нов Колективен договор во културата и обезбедени средства во Буџетот на Република Македонија за 2019 година, за спроведување на порамнување на платите во различните дејности на културата, велат од Советот на СКРМ.

Тие потсетуваат дека непостоењето на репрезентативен синдикат за култура, во изминатите 10 години, резултираше со тотален хаос во социјалните односи и газење на правата на вработените. Колективен договор не постои веќе 14 години, а и тој што бил потпишан во 2005 година меѓу СОНК и Министерството за култура, не е никогаш спроведен. Како единствен репрезентативен синдикат, СКРМ е максимално посветен на усвојување на новиот Закон за остварување јавен интерес во култура и апсолутно фокусиран на преговорите за нов Колективен договор. Нашите успеси во изминатиот период дополнително ја стимулираат нашата борба која бескомпромисно ќе продолжи со истиот интензитет, додаваат во соопштението од СКРМ.

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ