
Синдикатот за култура бара нивелација на платите
Незадоволни поради тоа што во Предлог буџетот за 2019 година, не се вклучени 75 милиони денари, пресметка што веќе е направена за нивелација на платите, Синдикатот за култура на РМ, утре на пладне ќе излезе на протестна прес конференција пред Министерството за култура. Од СКРМ, чие членство веќе достигнало бројка од 1000, велат дека и покрај најавите од актуелниот министер за култура, Адеми, дека наскоро ќе биде донесен нов Колективен договор, нема гаранции за тоа. Од тие причини бараат до февруари, во буџетот за култура за следната година да влезат и сретставата планирани за нивелација на платите.
- Во секоја институција, на исти позиции, вработените земаат различни плати. Во различни институции, на исти позиции , вработените земаат различни плати. И тоа се огромни разлики. Не станува збор за 500, 600 или 1000 денари, туку станува збор за 6000 или 7000 денари, разлика во плати. Целиот овој проблем настана заради тоа што селективно се покачувале платите во одредени институции . А, најголемиот причинител за тоа е немањето Колективен договор, цели 12 години, вели Сања Арсовска-претседателка на Синдикатот за култура.
Од СКРМ додаваат дека не им значи најавеното покачување на платите во установите од културата за 5 %, од септември 2019. Тие се решени да пристапат кон радикална граѓанска непослушност, ако Министерството за култура не одговори на нивните барања.
С.Т.