Симболот на Казахстан-„ Златниот човек“ од вечерва пред скопската публика

Златниот човек или казахстанскиот Тутанкамон, датира од 5 век пред новата ера. При откривањето на локалитетот Исик во 1969 година, тој е препознаен од археолозите како 18 годишен воин од скитското племе Сака.

„Откривањето на Златниот човек се случило при доистражување на еден од тумулите во близина на градот Исик, чие централно погребување веќе било ограбено. Но за среќа на археолозите, страничниот гроб во кој бил воинот од Сака, не бил забележан воопшто“, вели Горан Санев директор на Археолошкиот музеј .

Атрактивноста на Златниот човек, претставен на изложбата преку реконструкција, е во повеќето илјади златни апликации, распоредени на неговиот комплет, составен од кошула, чизми и накит за глава. Но, на изложбата се претставени и други, околу 200 експонати,  кои датираат од 4 милениум п.н.е. до 19 век.

„Велат дека Казахстан е земја во која се соединуваат Европа и Азија. Нејзината историја, култура и културно наследство денеска се претставени преку ексклузивни раритетни предмети, како накит, воена опрема, традиционални ракотворби, кои говорат за историското траење на оваа земја“, рече министерот Хисни Исмаили.

Изложбата е дел од проектот  „ Патувањето на Златниот човек во музеите ширум светот“ , кој до сега го виделе милиони посетители.

„Оваа изложба е 9 –та по број за оваа година и го претставува големото културно наследство и богатство на Република Казахстан“, вели Нуразхан Алмаз Шајкенович-директор на Националниот музеј  на Казахстан .

Изложбата ќе биде отворена до средината на август, а посетителите ќе може да ја видат бесплатно.

Сотир Трајков

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ